Вооружен напад во историскиот центар на полскиот град Краков заврши со пет жртви и повеќе од десет повредени, откако напаѓач отворил оган врз случајни минувачи од автомобил во движење.
Според информациите на полската полиција, инцидентот се случил во саботата околу 15 часот на главниот градски плоштад, во близина на црквата „Света Марија“. Во исто време, полициски сили спроведувале операција на улицата „Дитл“.
Според сведоштва пренесени од локалните медиуми, црн автомобил поминал низ плоштадот, по што лицето во возилото почнало да пука кон случајни минувачи.
На местото веднаш биле испратени полициски и медицински екипи, а за транспорт на повредените бил ангажиран и медицински хеликоптер. Според медиумските извештаи, меѓу повредените има и полициски службеници.
Полицијата го пресретнала осомничениот и отворила оган кон него, при што тој бил ранет. Напаѓачот потоа бил пренесен во болница, а засега нема официјална потврда за неговата здравствена состојба.
За нападот се огласи и полскиот премиер Доналд Туск, кој изјави дека е во постојан контакт со министерот за внатрешни работи и дека надлежните служби работат на целосно расветлување на случајот.
Истрагата е во тек, а властите ги утврдуваат мотивот за нападот и сите околности поврзани со вооружениот инцидент.
