Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески изврши увид во градежните активности во ООУ „Димитар Македонски“ во населба Лисиче, каде што интензивно се работи на создавање услови за воведување на едносменска настава од 1 септември – чекор што е во согласност со насоките и препораките на Министерството за образование и наука.
Според новата организација на наставата учениците од VI, VII, VIII и IX одделение ќе посетуваат настава во прва смена, учениците од I до III одделение ќе бидат опфатени со целодневна настава, а учениците од IV и V одделение ќе ротираат во прва и втора смена.
Општина Аеродром веќе успешно го воведе овој модел во ООУ „Александар Македонски“, и продолжува да ги создава истите можности и за учениците во ООУ „Димитар Македонски“.
