Унгарски суд му одреди едномесечен притвор на Арон Орбан, брат на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, поради сомневање дека бил дел од организирана криминална група која се занимавала со криумчарење мигранти, објави агенцијата МТИ.
Арон Орбан и уште три лица беа уапсени во понеделникот во заедничка акција на Националното биро за истраги (NNI), Националната канцеларија за повраток и заштита на имот (NVVH) и Европол.
Според истрагата, осомничените од 2022 година наводно им помогнале на повеќе од 100 државјани на Виетнам да добијат визи, при што за посредувањето наплаќале паричен надомест.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на повеќе локации во Будимпешта, Фот и Дунакеси. Истражителите заплениле документи, електронски уреди и друга опрема што може да послужи како доказ во истрагата за трговија со луѓе и корупција.
Главното обвинителство во Будимпешта побара притвор за сите четворица осомничени, наведувајќи дека станува збор за тешки кривични дела за кои е предвидена затворска казна од пет до десет години. Обвинителството исто така посочува дека осомничените имаат бројни меѓународни контакти, што, според нив, претставува ризик за истрагата.
По апсењето на неговиот брат, Виктор Орбан ја обвини актуелната унгарска власт дека случајот има политичка позадина.
„Јас сум целта; мојот брат е само средство“, напиша Орбан на социјалните мрежи.
