СДСМ реагираше на најавениот нов ребаланс на буџетот, обвинувајќи ја власта дека со измените во државната каса води неодговорна финансиска политика на штета на граѓаните.
Од опозициската партија посочуваат дека со ребалансот приходите и расходите се намалуваат за околу 86 милиони евра, додека капиталните инвестиции се скратуваат за 93 милиони евра. Според нив, тоа е доказ за доцнење на клучните проекти и за слабата реализација на владините планови.
СДСМ нагласува дека ова е втор ребаланс за само четири месеци, при што дефицитот останува на ниво од 4,1 отсто од БДП. Од партијата оценуваат дека најавеното ново задолжување на домашниот и странскиот пазар дополнително ќе ја оптовари државата.
„Парите за патишта, училишта и болници се кратат, но задолжувањето продолжува. Кредитите се користат за враќање на други кредити, што не е развојна политика“, велат од СДСМ.
Опозицијата тврди дека во изминатите две години државниот долг е зголемен за околу 4 милијарди евра и дека до крајот на годината се очекува дополнително задолжување од 250 милиони евра. Тие предупредуваат и на состојбата со ПИОМ, каде според нив постои значителен финансиски недостиг.
Критики упатија и за проценките на Владата за животниот стандард, оценувајќи дека износот од 60.000 денари за месечна кошничка на четиричлено семејство не ја одразува реалната состојба. Според СДСМ, реалните трошоци на граѓаните се значително повисоки, особено кога ќе се вклучат трошоците за домување.
Од партијата додаваат дека економските показатели не се доволни ако не се чувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните и порачаа дека честите промени на буџетот не се показател за стабилна економија.
