Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Киев разговараа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европски претставници за можните начини за завршување на војната во Украина. Кушнер изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е решен да придонесе за завршување на војната, по што фокусот би можел да биде насочен кон инвестиции и деловни можности во Украина.
Според него, евентуалниот мир би требало да отвори можности за економски развој и поголем просперитет за Украина и Европа.
Виткоф порача дека и Москва и Киев ќе мора да направат компромиси и да ги надминат разликите за да биде постигнато дипломатско решение.
Зеленски соопшти дека на разговорите биле разгледани неколку нови идеи за мировниот процес, но не откри детали, нагласувајќи дека целта се конкретни резултати и напредок. На средбите учествувале и советници за национална безбедност од Франција, Велика Британија и Германија, а договорено е разговорите наскоро да продолжат во истиот формат.
Виткоф и Кушнер пристигнаа во Киев по посетата на Москва, каде претходно повеќе од три часа разговараа со рускиот претседател Владимир Путин.
