Оркестарот на Филхармонијата вечерва со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“, на кој како солист ќе настапи казахстанскиот пијанист Алим Беисембајев – едно од највпечатливите имиња меѓу младите уметници на меѓународната музичка сцена. Со оркестарот ќе диригира маестро Емил Табаков.
На програмата се две капитални дела од рускиот музички репертоар: Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во Бе-мол, оп. 23 од Пјотр Илич Чајковски и Свитата бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.

Маестро со меѓународна репутација
Емил Табаков (1947), еден од најзначајните диригенти од регионот, своето музичко образование го стекнал на Бугарската државна академија. Прво дипломирал контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студирал диригирање, а во 1978 година дипломирал и композиција.
Во својата кариера реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија и САД. Покрај диригентската активност, Табаков е и автор на бројни композиции, меѓу кои девет симфонии и концерти за различни инструменти. Неговото име се поврзува со престижни награди и значајни меѓународни настапи.

Млад виртуоз од Казахстан
Алим Беисембајев, роден во 1998 година во Казахстан, важи за еден од најперспективните млади пијанисти денес. Образованието го започнал во Purcell School, каде што освоил повеќе признанија, вклучително и Првата награда на Junior Cliburn International Competition.
Студиите ги продолжил на Кралската академија за музика во Лондон, а во 2023 година ги завршил магистерските студии и програмата Artist Diploma на Кралскиот колеџ за музика, под менторство на професорката Ванеса Латарш. Неговата кариера е поддржана од повеќе угледни фондации и музички фондови, меѓу кои Imogen Cooper Music Trust, ABRSM, Countess of Munster Musical Trust, Hattori Foundation и Drake Calleja Trust.
Со комбинацијата на младешка енергија и техничка зрелост, Беисембајев се смета за пијанист кој носи свежина и длабочина во класичниот репертоар.
