Општина Илинден започна со изградба на нов парк во населеното место Миладиновци, кој ќе понуди современ простор за одмор, рекреација и дружење за жителите од сите генерации.
Проектот предвидува целосно уредување на постојната локација, со нови зелени површини, пешачки патеки и поставување урбана опрема. Во рамки на градежните работи ќе бидат изградени бетонски и павер-површини, а посебно внимание е посветено на најмладите.
Во новиот парк ќе биде изградено детско катче со кула и лизгалка, лулашки и клацкалка, додека за посетителите ќе бидат поставени и клупи за одмор.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во почетокот на градежните активности и истакна дека новиот парк ќе му даде целосно нова функција на просторот.
„Со изградбата на паркот, досегашниот простор ќе добие целосно нов изглед и намена, создавајќи уредена и безбедна средина која ќе придонесе за поквалитетно секојдневие на жителите на Миладиновци“, изјави Георгиевски.
Од Општина Илинден посочуваат дека уредувањето на јавните површини и изградбата на нови зелени и рекреативни содржини остануваат меѓу нивните приоритети, со цел создавање похумана, поуредена и пофункционална животна средина за граѓаните.
