Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја посети Гевгелија каде што се реализира проект за целосна реконструкција на еден од значајните делови од градот, оценувајќи дека станува збор за инвестиција која ќе донесе нов урбан изглед и дополнителен развој.
Николоски истакна дека проектот ќе ја врати автентичноста на просторот, но истовремено ќе внесе и современи елементи, особено преку решавањето на инсталациите под земја и новото осветлување кое, како што рече, во вечерните часови ќе создаде поинаков амбиент.
„Големо задоволство е кога се гледа дека се реализираат големи проекти. Ова што го гледаме е прекрасен проект кој ќе даде целосно нов лик на овој дел од Гевгелија. Ќе ја врати автентичноста, но ќе има и многу модерни елементи“, изјави Николоски.
Тој посочи дека проектот е поддржан од Владата и Министерството за транспорт, а неговата вредност изнесува околу 81 милион денари. Според него, се работи и на продолжување на уредувањето на просторот од градската библиотека до крајот на улицата.
„Продолжуваме да даваме поддршка и сериозно ќе разгледаме да го поддржиме и следниот проект. Сакам да најавам и дека ќе работиме на нов влез во градот, кој ќе биде обврска на Министерството за транспорт“, рече Николоски.
Вицепремиерот информираше дека досега Владата преку Министерството за транспорт во општина Гевгелија реализирала или поддржала инфраструктурни проекти во вредност од околу 165 милиони денари.
Меѓу реализираните инвестиции ги посочи изградбата на улицата „Новопланирана“, парк со детско игралиште на улицата „Деко Ковачев“, реконструкција и рехабилитација на делови од булеварот „Гевгелија“, натпатникот на улицата „Железничка“, како и инфраструктурни зафати во населените места Моин, Прдејци и Богородица.
Николоски додаде дека во следниот период ќе продолжи поддршката за општина Гевгелија преку нови инфраструктурни проекти, меѓу кои и изградбата на новиот влез во градот.
