Иако наглото поскапување на горивата допрва треба да се прелее во економијата, дел од трговците побрзаа и веќе почнаа со кревање на цените. Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажуваат дека во изминатите седум дена јајцата поскапеле за 5 до 10 отсто, а маслото за јадење до 5 проценти.
И нашата новинарска екипа во денешната обиколка по неколку маркети забележа зголемени цени, кај јајцата и маслото – некаде за дури 15 отсто. Се најавува и поскапување на земјоделските производи. Граѓаните се незадоволни.
„Не е фер производите што ги набавиле по стара цена, сега да ни ги продаваат по покачена“, ни изјави еден скопјанец, загрижен дека трговците нема да имаат сопирачка и ќе сакаат да профитираат и таму каде не би требало и сето тоа да доведе до дополнителна инфлација и криза.
Затоа се наметнува потребата од итна реакција на Владата и надлежните институции. Мора да има засилени контроли, а воедно и да се носат конкретни мерки за намалување на цените на горивата.
Ова е особено важно по најновите вести дека по синоќешните напади од Иран врз најголемиот светски центар за природен гас во Катар, како и по претходните напади на Израел врз најголемото иранско нафтено поле, цените на горивата во Европа се
зголеми за 25 до 30 отсто.
На ова не може да се влијае, но со конкретни мерки на домашниот пазар може ценовното цунами да се ублажи.
