Најмалку три лица загинаа, а 23 се повредени во ноќните израелски напади врз јужен и источен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство.
Според официјалните информации, нападите биле извршени на пет локации во регионите Тир, Набатија и Бека. Засега не е познато дали меѓу загинатите и повредените има цивили или припадници на вооружени формации.
Израелските напади следуваа по напад со беспилотни летала што, според израелските власти, го извел Хезболах врз израелски сили распоредени во безбедносната зона во јужен Либан. Нападот дополнително ги зголеми тензиите во регионот, каде и покрај претходните договори за прекин на огнот, судирите и понатаму продолжуваат.
Ситуацијата на југот на Либан останува нестабилна, а меѓународните посредници продолжуваат со напорите за намалување на тензиите и спречување на понатамошна ескалација на конфликтот.
