Министерството за образование и наука (МОН) ги оцени како неточни и лицемерни денешните обвинувања од опозицискиот СДСМ дека учениците со попреченост ја започнуваат учебната година без обезбедени образовни асистенти.
Од МОН велат дека ваквите тврдења не одговараат на реалната состојба и дека, според нив, токму претходните влади не успеале да обезбедат доволна образовна поддршка за сите ученици со попреченост.
„Тоа е апсолутно неточно и политичката партија со своето однесување најдобро покажува што значи зборот лицемерие“, наведуваат од Министерството.
Според МОН, во периодот кога со образовниот ресор раководеле министри од СДСМ, во текот на седум години не бил обезбеден доволен број образовни асистенти за учениците со попреченост во основното и средното образование.
Од Министерството посочуваат дека во 2024 година биле ангажирани 800 образовни асистенти, и тоа само во основното образование, додека во средните училишта, како што велат, немало ангажирани стручни лица за оваа поддршка.
Од МОН информираат дека актуелната состојба е значително подобрена, со ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование, што според нив претставува најголем број досега.
Воедно, Министерството додава дека е во тек постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица, согласно пријавените потреби од родителите.
„Во насока на подигнување на инклузивноста, МОН ги јакне и стручните служби во училиштата, преку ангажирање кадар кој недостигаше во минатото. Денес не постои училиште во кое нема стручна служба“, наведуваат од Министерството.
Од МОН посочуваат и дека паралелно се подобрува пристапноста во училишните објекти преку поставување рампи и тоалети за ученици со посебни образовни потреби.
Дополнително, Министерството информира дека е прифатено долгогодишното барање на граѓанскиот сектор за обезбедување континуитет во наставата за учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, преку можност за онлајн следење на наставата или индивидуална работа со наставник.
Од новата академска година, како што наведуваат од МОН, ќе бидат воведени и нови стипендии за студенти со попреченост и со ретки болести.
Реакцијата на Министерството следува по прес-конференцијата на Јованче Манасков од Комисијата за образование на СДСМ, кој обвини дека министерката за образование и наука Весна Јаневска трета година по ред дозволува учебната година да започне без навремено обезбедена образовна поддршка за децата со попреченост.
