Во последно време моќната германска економска машина – кризира. Тоа се гледа и по состојбата во автомобилска индустрија во најразвиената земја во ЕУ. Според најновите статистички бројки, таму се изгубени повеќе од 48.700 работни места во период од една година.
Загубите на работни места претставуваат пад од околу 6,3 проценти од вкупната работна сила во овој значаен сектор. Бројот на вработени на крајот од третиот квартал од 2025 година изнесувал 721.400, што е најниско ниво од вториот квартал од 2011 година.
Иако барометарот за деловна клима за германската автомобилска индустрија значително се подобри во октомври, според Институтот ИФО со седиште во Минхен, целокупното расположение останува неповолно. На пример, производителот на камиони и автобуси МАН планира да намали околу 2.300 работни места во Германија.
