Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година продолжува без победа, откако загуби од Србија со 2:0 во пријателски натпревар одигран на стадионот „Караѓорѓе“ во Нови Сад.
За македонските надежи ова беше деветти натпревар во низа без триумф. Во овој период репрезентацијата има забележано седум порази и две нерешени средби.
Македонија добро го започна натпреварот и уште во втората минута имаше голема шанса за водство. Величковски излезе сам пред голманот на Србија, но не успеа да реализира од идеална позиција.
Пропуштената можност брзо беше казнета од домашната селекција. Во 16. минута Милосављевиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот на Македонија и со удар од непосредна близина го совлада македонскиот голман за водство од 1:0.
Во продолжението Србија ја презеде иницијативата и беше поопасниот противник. Конечниот резултат го постави Ѓорѓе Петровиќ во судиското надополнување, со што ја потврди победата на домашната репрезентација.
За избраниците на Македонија ова беше уште еден тежок тест во периодот на градење на новата генерација играчи до 21 година.
