Предлог-закон за полагање на правосудниот испит сè уште не е доставен до Собранието, поради што не може да стане збор за негово повлекување, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање од Скендер Реџепи на денешната собраниска седница.
Премиерот појасни дека документот што Владата го доставила до Венецијанската комисија е подготвен во форма на закон, со цел да се добие мислење од оваа институција пред да се донесе одлука за натамошното постапување.
Мицкоски нагласи дека Владата нема да презема дополнителни чекори пред да пристигне мислењето на Венецијанската комисија, по што ќе се одлучува дали и во каква форма законското решение ќе биде доставено до пратениците.
Според премиерот, ставот на Венецијанската комисија треба да биде почитуван, особено поради значењето на ова прашање во рамките на преговарачкиот процес за членство на Македонија во Европската Унија.
Доколку мислењето биде негативно, како што посочи Мицкоски, Владата ќе треба да ги разгледа можностите за натамошно постапување. Во случај на позитивно мислење, пак, тој очекува тоа да биде прифатено од сите политички чинители, вклучително и од пратениците во Собранието.
Мицкоски изрази жалење што во изминатите повеќе од две децении не било пронајдено решение за ова прашање, и покрај тоа што во тој период се менувале влади и министри за правда од различна политичка и етничка припадност.
Премиерот оцени дека досегашниот процес се одвивал транспарентно и повтори дека Владата и Министерството за правда ќе го почекаат официјалниот став на Венецијанската комисија пред да донесат одлука за следните чекори.
