Собранискиот спикер Африм Гаши изјави дека го очекува барањето за свикување на итна седница за насилството врз жените и семејното насилство и изрази подготвеност за брза реакција и силен одговор, согласно надлежностите на Собранието.
Завчера опозициската СДСМ предложи, а мнозинството прифати да се одржи итна седница за фемицидите во земјата.
Гаши информираше и дека законот за насилство поднесен на 26 август од страна на пратеници е испратен на мислење до Владата и штом ќе го добие, вети дека ќе го пушти во собраниска процедура.
Денеска Мрежата за заштита од дискриминација започна серија јавни објави под називот „Ѕид на срамот“, насочени кон носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството врз жените и прв на листата го стави претседателот на Собранието, Африм Гаши, поради заглавените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.
