Премиерот Христијан Мицкоски упати порака по повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, изразувајќи длабока почит кон борците кои ја започнаа антифашистичката борба и го трасираа патот кон слободата.
Мицкоски потсети на историските настани од пред 85 години, нагласувајќи дека храброста на луѓето кои се спротивставија на тогашните предизвици била поголема од стравот и неизвесноста со која се соочувале.
Според него, борците немале гаранција за победа, ниту сигурност дека ќе ги дочекаат последиците од својата одлука, но имале верба дека слободата е вредност за која вреди да се жртвува.
„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро“, порача Мицкоски.
Тој истакна дека денешните генерации имаат обврска да ја зачуваат слободата и да создаваат услови за подобар и достоинствен живот за идните поколенија.
„Нашите предци го направија она што во нивното време изгледало невозможно. Ја отворија вратата на слободата. Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, наведе премиерот.
Мицкоски порача дека 11 Октомври не треба да биде само ден на сеќавање, туку и потсетник за одговорноста што ја има секоја генерација кон државата и нејзината иднина.
„Слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи“, истакна Мицкоски.
