Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да ја насочува економијата кон вештачката интелигенција и дата-центрите, оценувајќи дека Македонија има знаење и кадар за да го следи глобалниот технолошки развој. Како позитивен сигнал го посочи зголемениот интерес на младите за инженерските науки, наведувајќи дека на Машинскиот факултет бројот на заинтересирани за запишување е зголемен за 30 проценти.
Мицкоски порача дека Владата ќе се обиде да го искористи овој процес за привлекување инвестиции, развој на економијата и создавање поголема додадена вредност. Според него, вештачката интелигенција и дата-центрите се меѓу главните двигатели и на американската економија, при што оцени дека без нивниот придонес САД би се соочиле со сериозни економски проблеми.
Премиерот рече дека Македонија треба да избере дали ќе го следи правецот на технолошкиот развој или ќе остане заглавена во политички дебати, упатувајќи притоа остри критики кон опозицијата. Како примери за брз економски и инфраструктурен развој ги наведе Дубаи, Абу Даби и Доха, нагласувајќи дека Владата има намера да го „фати чекорот“ со промените што ги носат новите технологии.
