Премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање изјави дека нема големи очекувања од средбата во Софија меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија.
-Имајќи ја предвид мојата анализа, која вчера му ја кажав на министерот за надворешни работи, еве ќе бидам повторно дипломатски некоректен, а имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо. Очекувам некој дијалог на „пул асајд“, ние така го викаме, „на коњопој“ и тоа е отприлика тоа – одговори Мицкоски.
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова, треба да се сретнат в четврток во Софија на маргините на меѓународна министерска конференција за Коридорот 8, по сугестија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје.
