Портпаролката на Владата, Марија Митева, преку објава на социјалните мрежи остро го осуди насилството врз младата девојка во Охрид и побара брза реакција од надлежните институции.
Таа истакна дека очекува Јавното обвинителство да постапи без одолговлекување и случајот целосно да биде расчистен.
„Остро и недвосмислено го осудувам насилството врз младата девојка во Охрид. Очекувам Јавното обвинителство да дејствува итно, без одолговлекување! Случајот мора целосно да се расчисти и да има правда!“, напиша Митева.
Во својата објава, портпаролката нагласи дека насилството не смее да биде оправдувано или релативизирано.
„Насилството е недозволиво, нема оправдување, ниту смее да има премолчување или релативизирање!“, порача Митева.
Нејзината реакција следува по случајот со младата девојка од Охрид, која беше тешко повредена по физички напад, а за кој веќе постапуваат полицијата и Јавното обвинителство.
