Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска добива ново раководство, откако новоизбраната раководителка Искра Хаџи Василева и официјално ќе ја преземе функцијата од досегашниот шеф Ислам Абази.
Примопредавањето на должноста ќе се одржи во просториите на ОЈО ГОКК, а според најавите од Јавното обвинителство, по официјалниот чин е предвидена и средба на јавниот обвинител Ненад Савески со Искра Хаџи Василева и Ислам Абази.
Хаџи Василева беше избрана за нова раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври, кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. Во трката за функцијата учествуваа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
По давањето на свечената изјава пред Советот на јавните обвинители, таа истакна дека нејзини приоритети ќе бидат поефикасен кривичен прогон на организираниот криминал и корупцијата, подобра организација на работата во Обвинителството и максимално искористување на постојните човечки и материјални ресурси.
Новата раководителка најави дека ќе се залага и за обезбедување дополнителни капацитети, со цел институцијата да биде поефикасна во постапувањето по предметите и во борбата против најтешките облици на криминал.
Изборот на Хаџи Василева следува по истекот на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на чело на ОЈО ГОКК во октомври 2022 година.
Со денешното примопредавање официјално започнува нејзиниот мандат, во период кога Обвинителството за организиран криминал и корупција работи на повеќе значајни предмети од висок јавен интерес.
