Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија и со сценарио на Гоце Цветановски, ќе има своја американска премиера на Miami Science Fiction Film Festival, каде што е дел од официјалната селекција. Овој фестивал е еден од најзначајните во САД за научна фантастика.
Miami Science Fiction Film Festival години наназад привлекува автори, продуценти и иновативни проекти од целиот свет. Познат е по тоа што особено го промовира авторскиот и жанровскиот филм. Во претходните изданија, меѓу специјалните гости бил и Џорџ Р. Р. Мартин, авторот на романите врз кои е базирана светски познатата серија Игра на тронови.
Селекцијата на „Јон Вардар против галаксијата“ во Мајами го продолжува успешниот меѓународен фестивалски пат на филмот и ја зацврстува позицијата на македонската анимација на светската сцена. Светската премиера беше на Sitges Film Festival во Шпанија, еден од најголемите и највлијателни жанровски фестивали во светот.
Досега, филмот бил прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали и има освоено шест награди, што го прави едно од најуспешните македонски анимирани остварувања во последните години.

„Мала културна револуција“
„Среќен сум што преку овој филм не само што Македонија доби прво долгометражно анимирано остварување, туку успеавме и да ја ставиме нашата земја на светската мапа на научната фантастика. Нашата национална кинематографија бележи период на невиден подем на светско ниво, и среќен сум што сум дел од оваа мала културна револуција“, изјави режисерот и сценарист Гоце Цветановски.
Во главните улоги гласовно се претставуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски. Арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а продуцент е Алан Кастиљо.
Селекцијата на „Јон Вардар против галаксијата“ на американски фестивал од ваков ранг доаѓа во период кога македонската анимација и независната кинематографија сè почесто се појавуваат на значајни светски фестивали, отворајќи простор за нови авторски гласови и меѓународна видливост.
