Делегација од Македонија, предводена од гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка, кои оваа недела се одржуваат во Бангкок, Тајланд.
Во составот на делегацијата на Народната банка се и вицегувернерката Ана Митреска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.
За време на средбите, македонските претставници ќе остварат разговори со високи претставници на ММФ, Светската банка и други меѓународни финансиски институции, со цел унапредување на соработката и размена на искуства во повеќе економски области.
Гувернерот Славески ќе има свое обраќање на настан посветен на Регионалниот економски преглед за Европа, каде што ќе се осврне на предизвиците и можностите за забрзување на економскиот раст, подобрување на продуктивноста и приближување на земјите од регионот кон Европската Унија.
Во фокусот на разговорите со претставниците на ММФ ќе бидат теми поврзани со монетарната политика, статистичките функции на централната банка и понатамошното зајакнување на институционалната соработка.
Делегацијата ќе има средби со високи претставници на ММФ, меѓу кои заменикот на генералниот директор Бо Ли, директорот за Европа Матеуш Шчурек, извршниот директор Јерун Клик и неговиот заменик Марникс ван Рај.
Ќе се разговара и со претставници на одделите за статистика, правни прашања, монетарни и капитални пазари, при што ќе бидат презентирани досегашните резултати од соработката со оваа меѓународна финансиска институција.
Посебно внимание ќе биде посветено на соработката со Светската банка, каде што ќе се разговара за модернизација на платните системи, дигитализација на плаќањата и усогласување на домашната регулатива со европските стандарди.
Една од клучните теми ќе биде воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, кој би бил развиен според моделот на системот ТИПС на Евросистемот.
На состаноците ќе бидат разгледани и можностите за пошироко користење електронски плаќања, воведување национален стандард за QR-код плаќања, подобрување на надзорот над платните системи и зајакнување на нивната сајбер-безбедност.
Годишните средби на ММФ и Светската банка претставуваат една од најзначајните глобални платформи каде што гувернери на централни банки, министри за финансии и претставници на меѓународни институции разговараат за економските движења, финансиската стабилност, развојните политики и предизвиците со кои се соочуваат државите.
