Македонија официјално го започна проектот за изградба на новата автопатска делница Букојчани – Кичево, со која треба да се заокружи автопатското поврзување на западниот дел од државата и да се даде целосна функционалност на Коридорот 8.
На поставувањето камен-темелник за новиот автопат, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека станува збор за шестиот голем инфраструктурен проект што го започнува актуелната Влада, оценувајќи дека оваа делница има стратешко значење за транспортното поврзување на земјата.
„Поврзувањето од Кичево до Букојчани со автопатско решение ќе даде целосна смисла на Коридорот 8, што ќе значи целосна доизградба на коридорот и целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид“, изјави Николоски.
Новата делница е долга околу 12 километри и треба да овозможи целосно автопатско поврзување преку западниот дел од државата, односно преку Тетово, Гостивар, Кичево и Струга.
Според министерот за транспорт, изградбата започнува од местото каде што завршува постојниот автопат Охрид – Кичево, а трасата ќе продолжи кон Букојчани. Во исто време, на делницата Букојчани – Гостивар веќе се реализираат активности за изградба на автопатско решение.
Проектот предвидува изградба на модерен автопат со две возни ленти во секој правец, со ширина од 3,5 метри, како и дополнителни помошни ленти од двете страни. Предвидената проектна брзина ќе биде од 110 до 130 километри на час.
Николоски посочи дека станува збор за исклучително сложен градежен зафат поради планинскиот и тежок терен, но изрази уверување дека проектот ќе биде завршен во предвидениот рок од четири години.
Финансирањето на изградбата е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој и грантови од Инвестициската рамка за Западен Балкан, додека надзорот го врши конзорциум предводен од Градежниот институт Македонија.
Изградбата на делницата Букојчани – Кичево треба да биде еден од клучните чекори за подобрување на патната инфраструктура, побрзо поврзување на регионите и зајакнување на позицијата на Македонија како транспортна врска меѓу Коридорот 8 и Коридорот 10.
