Македонија одбројува до влезот во Новата Година! Плоштадите низ целата држава полека се полнат со народ или веќе се почнати забавите за дочек на 2026-та. Кифличките испечени, сармата свиткана, руската салата исецкана, месото подготвено кај оние пак што дома ја дочекуваат. А оние што ќе славата во ресторани веќе се дотеруваат или се на пат кон угостителските објекти.
На скопскиот плоштад веќе трае. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа изјави дека дочекот на 2026-та на плоштадот „Македонија“, ќе биде незаборавен, ноќ која повторно ќе го сплоти Градот.
Музичката програма ќе кулминира на полноќ, кога на бината ќе се појави Каролина Гочева.
-Со домашни изведувачи, омилени на публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации. Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да живее, да пулсира и да сонува. Ве поканувам сите, драги скопјани, да ни се придружите и заедно да ја пречекаме 2026 година со насмевки, музика и незаборавни мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа новогодишна приказна, исполнета со позитивна енергија и врвна забава. Се гледаме!, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
