Македонија и Бугарија продолжуваат со интензивирање на активностите за подготовка и изградба на прекуграничниот железнички тунел, кој е дел од Коридор 8.
На првиот состанок на заедничката работна група, одржан во Софија, биле договорени конкретни чекори за понатамошна реализација на проектот, воспоставување динамика на активностите и дефинирање на обврските на надлежните институции од двете земји.
Од Министерството за транспорт информираат дека двете страни ја потврдиле посветеноста за зајакнување на соработката и подобра координација во сите фази од изградбата на тунелот.
Како следни активности се најавуваат обезбедување финансиска поддршка и воспоставување техничка координација меѓу институциите.
На состанокот била нагласена важноста на Коридор 8 како еден од клучните европски транспортни коридори, како и поддршката што Европската комисија ја обезбедува за неговата реализација.
Следниот состанок на заедничката работна група ќе се одржи во Скопје, каде што ќе биде разгледан напредокот на договорените активности и ќе бидат утврдени следните чекори за реализација на проектот.
Во работната средба учествувале заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, претставници од повеќе министерства, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура и „Железници Транспорт“ АД – Скопје.
