Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамки на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).
Како што соопшти Министерството за култура и туризам, на средбата биле разгледани можностите за унапредување на соработката и за поддршка на процесите за одржлив туристички развој. Министерот Љутков упатил честитки до Ал Новаис по повод нејзиниот избор, нагласувајќи ја клучната улога на UNWTO во промовирањето на туризмот како двигател на економски раст, одржлив развој и меѓународна соработка.
Тој истакнал дека Владата стратешки го препознава туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово интегрирање во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, Љутков информирал дека е во подготовка нова Национална стратегија за туризам како клучен документ за идниот развој на секторот.
На средбата биле отворени и прашањата за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, заштитата и валоризацијата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент бил ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони, како и на значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO.
Средбата била оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката, вклучително и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во едукација и јакнење на човечките капацитети во туризмот.
Во рамки на посетата, министерот Љутков остварил и работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан, на која била изразена подготвеност за продлабочување на билатералната соработка, отворање нов туристички пазар и потпишување меморандум за разбирање, со акцент на културен, верски, еногастрономски и активен туризам.
Денeска Љутков ќе присуствува на свеченото отворање на Меѓународниот саем на туризам „FITUR 2026“ во Мадрид, на кое ќе присуствуваат и шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
