Станбеното кредитирање во Македонија во јуни пораснало за 16,6 проценти на годишно ниво, што според Левица покажува дека сè повеќе граѓани мора да се задолжуваат за да обезбедат сопствен дом. Од партијата посочуваат дека младите земаат станбени кредити на 20, 25 или 30 години и практично остануваат должници на банките во најголемиот дел од својот работен век.
Според Левица, оние кои не можат да добијат или да си дозволат кредит се принудени да останат кираџии, додека цените на недвижностите продолжуваат да растат. Партијата оценува дека нерешеното станбено прашање е една од причините поради кои младите ја напуштаат државата и сè потешко се одлучуваат да формираат семејство.
Од Левица сметаат дека домувањето не смее да биде препуштено исклучиво на слободниот пазар и бараат државата повторно активно да се вклучи во изградбата на станови. Тие предлагаат целосна реформа на јавното претпријатие за домување, кое би градело квалитетни станови и би ги продавало по однапред утврдени цени со ограничена профитна маржа. Според партијата, ваквата државна станбена изградба би можела да влијае и врз намалување на цените на становите што ги нудат приватните градежни компании.
Левица предупредува дека без промена на политиката Македонија ризикува да стане „држава на кираџии и должници“ и бара станбеното прашање повторно да биде третирано како јавен интерес.
