Либерално-демократската партија (ЛДП) ја осуди реакцијата на Владата во врска со директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, оценувајќи дека наместо итно разрешување и покренување кривична постапка, му било оставено само да го повлече својот став.
Од ЛДП наведуваат дека членот 407-а од Кривичниот законик предвидува затворска казна до пет години за јавно одобрување, оправдување, негирање или грубо минимизирање на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Според партијата, во законот не постои можност стореното дело да биде избришано со повлекување на јавен став.
„Законот е јасен и не предвидува можност за ‘повлекување на ставот’ откако делото веќе е сторено“, истакнуваат од ЛДП.
Партијата бара Далибор Китановиќ веднаш да биде разрешен од функцијата и против него да биде поведена кривична постапка.
Во реакцијата ЛДП ја обвинува Владата за двојни аршини во примената на законите, посочувајќи дека граѓаните се санкционираат за најмали прекршоци, додека функционерите добиваат можност да избегнат одговорност.
„Преку системот ‘Сејф сити’ секој граѓанин се казнува за најмал прекршок, а кога функционер ќе велича лице осудено за геноцид, добива можност само да го повлече ставот. Законот мора да важи еднакво за сите“, наведуваат од ЛДП.
Партијата повторно ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да постапат по службена должност согласно членот 407-а од Кривичниот законик.
Случајот се отвори откако директорот Далибор Китановиќ на социјалните мрежи објави фотомонтажа на која правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ беше прикажан заедно со историски личности, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“.
Објавата предизвика силни реакции во јавноста и од граѓанскиот сектор, од каде исто така беше побарано Китановиќ да сноси кривична одговорност.
Во меѓувреме, Владата соопшти дека директорот треба да се повлече од функцијата доколку не се согласува со ставот дека Ратко Младиќ е осуден за геноцид и воени злосторства.
По реакцијата на Владата, Демократската партија на Србите во Македонија јавно застана зад Китановиќ, објавувајќи на социјалните мрежи пораки со поддршка за него.
