Либерално-демократската партија (ЛДП) остро реагираше на, како што наведува, обидите за величење и глорификација на Ратко Младиќ, кој е правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Од партијата истакнуваат дека ова не е прашање на политички став или различно толкување на историјата, туку прашање на почитување на правосилните пресуди на меѓународните судови.
„За геноцидот нема друга страна на приказната кога фактите се утврдени со правосилни судски пресуди“, наведуваат од ЛДП.
Партијата оценува дека е особено неприфатливо доколку во вакви активности се поврзуваат носители на високи државни функции, поради што бара Владата јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, како и да утврди политичка одговорност.
Според ЛДП, Македонија не може да се повикува на европски вредности во меѓународната политика, а истовремено да молчи кога функционери се поврзуваат со величење на лице осудено за геноцид.
Покрај политичката, партијата бара да се испита и евентуална кривична одговорност. Посочуваат дека член 407-а од Кривичниот законик предвидува санкции за јавно негирање, минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и преку информациски систем.
Од ЛДП бараат Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и постапки поврзани со случајот и, доколку постојат законски основи, да постапат согласно Кривичниот законик.
Во соопштението се бара и донесување законска рамка со која ќе се забрани јавното величење, промовирање и афирмирање на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промоција на фашистички, нацистички и други тоталитарни идеологии што поттикнуваат омраза.
Партијата предлага ваквата забрана да се однесува и на именување здруженија, фондации, клубови, јавни установи, улици, плоштади и манифестации, кои не би смееле да носат имиња или симболи што величаат осудени воени злосторници или злосторства.
ЛДП смета дека и образовниот систем мора да биде заштитен од историски ревизионизам, при што геноцидот и воените злосторства треба да се изучуваат врз основа на историски факти и правосилни судски пресуди, без нивно релативизирање.
„Европска држава не се гради со европски пароли, туку со европски вредности. Почитувањето на жртвите и осудата на геноцидот се црвена линија. Нема молк кога се величаат осудени за геноцид. Нема релативизација на злосторствата. И нема државна функција над законот и без политичка одговорност“, се наведува во соопштението на ЛДП.
