Ракометарите на Алкалоид обезбедија солидна предност пред реваншот против Горење Велење во третото коло од ЕХФ Европскиот куп. Македонскиот тим на домашен терен славеше со убедливи 32-23 и со девет гола разлика ќе отпатува на гостувањето во Словенија.
Тренерот Кирил Лазаров беше задоволен од изданието на своите ракометари и од конечниот резултат, но нагласи дека двомечот сè уште не е завршен и дека е потребна максимална концентрација на реваншот.
„Задоволен сум, презадоволен од резултатот. Видео-анализите покажуваат едно, но сосема поинаку е кога тимот што сте го анализирале ќе го видите во живо на терен. Мислам дека стигнавме до превисока победа со оглед на тоа каква екипа имавме за противник, на тркачки и технички план“, изјави Лазаров.
Тој посочи дека натпреварот можел да добие и поинаков тек, бидејќи Горење во еден момент успеало да ја намали негативата и да се доближи.
„Имавме девет гола предност, тие дојдоа на пет, лесно можеа да стигнат и на два-три гола разлика, но се вративме во вистински момент. Тие брзаа да постигнат голови, а ние тоа го искористивме“, додаде тренерот на Алкалоид.
Лазаров им честиташе на играчите за вложениот труд, но предупреди дека реваншот нема да биде формалност.
„Не треба да стравуваме, но никогаш не се знае. Како тренер секогаш треба да бидеш претпазлив и екипата да биде будна, бидејќи малку недостига работите да тргнат во погрешен правец. Не смееме да дозволиме такво нешто“, порача тој.
Според Лазаров, убедливата победа не дошла лесно, бидејќи Алкалоид морал да вложи голема енергија за да го скрши отпорот на словенечкиот противник.
Реваншот во Словенија ќе биде нов предизвик за македонскиот состав, кој ќе се обиде да ја зачува предноста и да обезбеди пласман во следната фаза од европското натпреварување.
