Ракометарите на Алкалоид направија голем исчекор кон пласман во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп, откако на домашен терен славеа убедлива победа над словенечкиот тим Горење Велење со 32-23.
Избраниците на Кирил Лазаров имаа нешто послаб старт на натпреварот, но брзо ја стабилизираа играта и ја презедоа контролата. На пауза македонскиот тим замина со предност од 15-10.
Алкалоид продолжи во ист ритам и во второто полувреме, кога постепено ја зголемуваше разликата и стигна до двоцифрена предност, за на крајот да обезбеди убедлив триумф и одлична предност пред реваншот.
Најефикасни во победничкиот состав беа Митев и Сухолежник со по пет постигнати голови, додека голманот Марко Кизиќ имаше значаен придонес со девет одбрани.
Реваншот во Словенија е закажан за 29 ноември, а Алкалоид ќе отпатува со предност од девет гола и големи шанси за продолжување во европското натпреварување.
