Русија ќе продолжи со војната во Украина сè додека не ги постигне своите воени цели, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пред Генералното собрание на Обединетите нации. Тој ги обвини европските држави дека прават сè за да спречат мировно решение и почеток на преговори.
Според Лавров, за преговори се заинтересирани повеќе страни, меѓу кои и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Рускиот министер го обвини Западот и дека ја снабдува Украина со оружје со кое, според неговите тврдења, се напаѓаат цивили и цивилна инфраструктура.
Лавров порача дека руските воени цели ќе бидат постигнати и дека ќе биде отстранета, како што рече, заканата за безбедноста на Русија. Тој го обвини Западот дека сè почесто употребува сила и се обидува да им ги наметне своите правила на другите држави.
