Во текот на викендот, непознати сторители опожариле два пластични контејнери лоцирани во населбата Ново Лисиче во скопската општина Аеродром, како и два метални контејнери лоцирани на булеварот Македонско-косовска бригада во општината Чаир, соопшти ЈП Комунална хигиена – Скопје и додаваат дека опожарените контејнери се заменети со нови.
„Комунална хигиена“ соопшти дека сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и очекува да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите, а упати и апел до граѓаните да престане уништувањето на садовите за одлагање отпад, со цел екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен.
Во текот на минатата недела, додаваат, екипите отстраниле вкупно 760 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавни и собраќајни површини во сите скопски општини, а најмногу отпад е собран од диви депонии во Општина Центар.
