Македонските граѓани често нарачуваат евтини производи од Кина. Малите пратки сето тоа го овозможуваат. Но, сега се отвора едно прашање: Дали Македонија ќе ја следи Европската унија во заострувањето на правилата за увоз на евтини пратки од Кина.
Имено, ЕУ постигна договор за воведување дополнителни такси за обработка на сите пратки со ниска вредност, кои ќе почнат да се применуваат најдоцна од 1 ноември. Оваа нова давачка ќе се надоврзе на веќе најавената такса од 3 евра по артикл за пратки под 150 евра, која ќе стапи во сила од јули.
Мерките на ЕУ се насочени кон ограничување на евтините производи, пред се од азиските платформи Тему, Али Експрес, Шиин… и заштита од нелојална конкуренција.
Предвидени се и високи казни за платформи кои увезуваат небезбедни или фалсификувани производи, па дури и нивно привремено исклучување.
Само во 2024 година во ЕУ влегле 4,6 милијарди мали пратки, од кои над 90 проценти биле од Кина.
Инаку, во Македонија до пред неколку години, пратки до 22 евра влегуваа без ДДВ и царина, но со законските измени се воведе плаќање на ДДВ и за мали пратки, додека царина се наплатува за повисоки износи. Засега нема најави за дополнителни такси како во ЕУ и останува да се види дали земјава ќе оди чекор понатаму и ќе воведе построги мерки или ќе се задржи на сегашниот модел.
