Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, се огласи по информацијата дека возач вработен во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) бил приведен под сомнение за примање мито.
Јанушев ја поздрави акцијата на надлежните институции за спречување на корупцијата и му оддаде признание на граѓанинот кој го пријавил случајот.
„Целосно ја поздравувам и ја поддржувам акцијата на надлежните институции за спречување на корупцијата, како и храброста и решителноста на граѓанинот кој го пријавил барањето за мито и соработувал со институциите за случајот да биде откриен и процесуиран. Само со таков однос, пријавување, постапување и неселективна одговорност можеме да изградиме општество во кое корупцијата нема да се премолчува и толерира“, изјави Јанушев.
Тој нагласи дека се оградува од постапувањето на приведеното лице и дека случајот нема никаква поврзаност со неговата функција или работење.
„Сакам да бидам кристално јасен дека целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка“, посочи генералниот секретар.
Според Јанушев, лицето било возач кој претходно работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генералниот секретар било ангажирано околу шест месеци.
„Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“, додаде тој.
Јанушев реагираше и на обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека опозициската партија се обидува од конкретен случај да создаде политичка конструкција.
„Нема ситуација во која СДС нема да се обиде да измисли, конструира и изврти нешто што нема никаква допирна точка со реалноста“, рече Јанушев.
Тој порача дека корупцијата мора да се пријавува, а институциите да постапуваат без разлика кој е сторителот.
„Секој што ќе го прекрши законот треба да одговара без оглед на функција, партија или близина со кој било функционер. Тоа е нашата позиција“, истакна генералниот секретар на Владата.
Јанушев додаде дека случајот, според него, покажува дека криминалот не е исплатлив и дека никој не смее да биде заштитен доколку го прекршил законот.
