Израел и Саудиска Арабија одржале разговори со посредство на Централната команда на американската војска (CENTCOM), со цел да ѝ се помогне на Саудиска Арабија во одбраната од нападите на хутите, преку разузнавачка поддршка, пренесува „Џерусалим пост“, повикувајќи се на дипломатски извори од Блискиот Исток.
Разговорите се одржале во период на зголемени тензии во регионот, откако силите на хутите во изминатата недела ги интензивирале нападите врз Саудиска Арабија.
Меѓу нападите бил и напад со беспилотно летало врз нафтоводи и пумпни станици, што предизвикало делумно прекинување на работата на еден од главните нафтоводи во земјата.
Истовремено, хутите презеле контрола врз неколку стратешки важни острови во Црвеното Море и го ограничиле движењето на саудиски бродови низ теснецот Баб ел-Мандеб, што според дипломатските извори создало дополнителен економски и безбедносен притисок врз Ријад.
Според изворите, Саудиска Арабија и Израел разговарале за можноста за размена на разузнавачки информации, со цел подобро следење на воените активности на хутите и идентификување на можни идни напади.
Израел во изминатиот период ги демонстрирал своите разузнавачки и оперативни способности во поширокиот поморски регион, при што учествувал во собирање информации за активностите на иранските сили.
Дополнително, според претходни извештаи, Саудиска Арабија побарала поддршка и од Велика Британија за зајакнување на одбраната од нападите врз нејзината нафтена инфраструктура и за спречување на заканите во регионот на Баб ел-Мандеб.
Британскиот премиер, според медиумските информации, се согласил да испрати воени советници во Саудиска Арабија, но засега нема преземено обврска за дополнително воено ангажирање.
Во меѓувреме, одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да поддржи развој на цивилна нуклеарна програма во Саудиска Арабија предизвика загриженост кај дел од израелскиот безбедносен естаблишмент.
Вашингтон го поврзува можниот напредок во оваа област со процесот на нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, додека Ријад посочува дека дипломатскиот процес со Израел треба да биде поврзан со решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.
И покрај политичките несогласувања, Израел и Саудиска Арабија имаат заеднички безбедносни интереси, особено во однос на растечките закани од Иран и неговите сојузници во регионот.
