Ги нема веќе редиците пред бензиските пумпи. Од полноќ во Македонија се точи гориво по значително повисоки цени.
Сепак, и покрај ова покачување, споредбата со регионот покажува дека во Македонија сè уште се вози со најевтин дизел – 85,50 денари, односно околу 1,39 евра.
Најблиску до оваа цена се Босна и Херцеговина, каде дизелот чини околу 1,40 евра и Бугарија со 1,43 евра за литар.
Во Словенија и Косово цените се нешто повисоки, а сите други се многу повисоки, па во Албанија, дури за еден литар дизел се плаќа приближно 1,85 евра.
Доброто е и тоа што по рекордниот скок на светските цени на сировата нафта од 120 долари по барел, синоќа нагло падна па на светските берзи се продаваше за цена под 90 долари.
Аналитичарите сметаат дека причина за тоа е состанокот на државите од групата Г7 кои се согласија да ослободат дел од нивните резерви за да се смири пазарот, но и разговорот на Трамп и Путин, како и изјавата на американскиот претседател дека војната со Иран е речиси при крај.
Ако македонската Регулаторна комисија не го сменеше Правилникот за цените да се одредуваат еднаш неделно, секој понеделник, веќе денес повторно ќе можеше да се направи корекција и цените од вчера, веќе утре ќе се намалеа. Но, останува да се види што сега ќе понуди како решение Владата.
