Русија утрово соопшти дека нејзината противвоздушна одбрана соборила 1.017 украински беспилотни летала во текот на ноќта, во нов масовен напад врз повеќе од десет руски региони, вклучувајќи го и подрачјето на Москва. Според руското Министерство за одбрана, нападите биле одбиени, а најголем број дронови биле насочени кон руската престолнина и нејзината околина.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека повеќе од 500 беспилотни летала биле упатени кон московскиот регион, од кои 105 биле уништени при приближувањето кон градот. Тој тврди дека најголемиот дел од останатите дронови биле неутрализирани на поголема оддалеченост од престолнината, благодарение на руските системи за противвоздушна одбрана.
Ова е втора последователна ноќ со масовни напади, откако руските власти вчера соопштија дека собориле дури 1.246 украински дронови, што претставува една од најголемите пријавени бројки од почетокот на војната. Двете земји во последните месеци значително ги засилија меѓусебните воздушни напади, додека американските дипломатски напори за прекин на војната засега не донесоа мировен договор, а руските тврдења за бројот на соборените летала не се независно потврдени.
