Актуелниот градоначалник на Кисела вода и иден кандидат за градоначалник на градот Скопје, Орце Ѓеорѓиевски денеска се сретна со претставници на дел од угостителскиот сектор од Скопје, за кој вели дека се важна алка од економијата и секојдневието на нашиот град.
Како што информира Ѓеорѓиевски на неговиот Фејсбук, разговарале отворено за предизвиците со кои се соочуваат, од административни процедури, со посебен осврт на безбедноста на посетителите.
-Заедно разгледавме конкретни решенија за унапредување на условите за работа, развој на урбаниот туризам и подобрување на услугите кон граѓаните и посетителите на Скопје. За првпат досега, веднаш по завршувањето на локалните избори ќе назначам советник за угостителскиот сектор кој ќе произлезе токму од нив, преку меѓусебен договор. Угостителите се двигатели на живата атмосфера во нашиот град. Ќе продолжиме со соработка, затоа што само заедно можеме да градиме модерен, економски стабилен и гостопримлив главен град, пишува Ѓеорѓиевски.
