Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека Северна Македонија бележи напредок во повеќе области, но посочи дека остануваат сериозни предизвици во владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, Рокас нагласи дека во однос на минатогодишниот извештај е забележан подобар резултат, особено во дигиталната трансформација, истражувањето, науката и образованието.
„Има напредок и тоа е јасно. Донесени се многу добри закони и една година подоцна гледаме подобрување. Сепак, ова треба да се гледа како годишна вежба и сакаме да видиме уште поголем напредок“, изјави Рокас.
Тој ја посочи усогласеноста на земјава со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија како позитивен пример, оценувајќи дека Северна Македонија останува сигурен партнер кој ги споделува стратешките приоритети на Унијата.
Според евроамбасадорот, земјава има високо ниво на усогласеност со европското законодавство и е меѓу кандидатките со најдобра подготвеност за членство. Тој посочи и дека Македонија го засилила ангажманот во Планот за раст на ЕУ и е меѓу земјите со добри резултати во спроведувањето на Реформската агенда.
Сепак, Рокас нагласи дека напредокот не е еднаков во сите области. Како најголеми предизвици ги издвои независноста на судството, борбата против корупцијата и потребата од посилни институции.
„Извештајот покажува дека нема напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во текот на извештајниот период. Потребни се поефикасни истраги, гонења и конкретни резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво“, рече Рокас.
Тој додаде дека важни остануваат и реформите во јавната администрација, јавните набавки, енергетиката, животната средина, како и заштитата на слободата на медиумите и изразувањето.
Во однос на евроинтегративниот процес, евроамбасадорот повтори дека уставните измени договорени во 2022 година сè уште не се завршени.
„ЕУ е подготвена да продолжи со отворањето на преговорите во моментот кога ќе бидат донесени промените. Ги повикуваме сите политички страни да работат активно и да напредуваат кон членството во ЕУ“, посочи Рокас.
Тој како придобивки за граѓаните ги наведе и чекорите кон приклучување кон единствената европска зона за плаќања (СЕПА), оценувајќи дека реформите не се само услов за членство, туку и начин за подобрување на секојдневниот живот и економскиот развој.
Осврнувајќи се на медиумите, Рокас оцени дека ова е област каде што се потребни дополнителни активности. Тој посочи дека треба да се подобри правната рамка во согласност со европските стандарди, особено во делот на транспарентноста на сопствеништвото на медиумите, државното рекламирање, конкуренцијата и државната помош.
„Областа поврзана со медиумите заслужува целосно внимание и ние продолжуваме внимателно да ја следиме“, рече евроамбасадорот.
