Извештајот на Европската комисија за 2026 година претставува потврда дека реформите спроведени во Министерството за правда во изминатиот период биле насочени во правилна насока и донеле конкретни резултати, оцени поранешниот министер за правда Игор Филков.
Според него, дел од законските решенија што биле ветувани во претходните години, во периодот кога со Министерството раководел тимот на ЗНАМ, биле преточени во конкретни реформи.
Филков посебно ја издвојува позитивната оценка на Европската комисија за новиот Закон за Судскиот совет, донесен во декември 2025 година, со кој, како што посочува, се адресирани препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија.
Тој смета дека со законските измени е подобрена транспарентноста и јасноста во постапките за избор на судии, како и во дисциплинските постапки.
Како значаен напредок ги посочува и новиот Закон за Советот на јавните обвинители, како и Законот за парничната постапка, со кој, според него, по повеќедецениски застој се модернизираат граѓанските судски постапки и се создаваат услови за нивна поголема ефикасност.
„Во реализацијата на активностите планирани за Развојната секторска стратегија за реформа на правосудството 2024–2028 бележиме значителен пораст – од 42,9 проценти за 2024 година, на 56,9 проценти за 2025 година“, изјави Филков.
Тој додаде дека е препознаен и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото, како и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција.
Осврнувајќи се на забелешките во извештајот поврзани со борбата против корупцијата, ресурсите и ефикасноста на правосудните институции, Филков нагласи дека овие области бараат ангажман од повеќе институции и континуирано спроведување на реформите.
Тој информираше дека за време на неговиот двегодишен мандат во Министерството за правда биле подготвени 33 закони, од кои дел се веќе усвоени, дел се во собраниска или владина процедура, а останатите се во фаза на подготовка.
Меѓу нив, како што наведе, се законите за спречување корупција и судир на интереси, јавно обвинителство, судски буџет, судови, кривична постапка, како и новиот Кривичен законик.
Филков порача дека се поставени темели за понезависно и поефикасно судство, но дека за целосно спроведување на реформите е потребен континуитет и активна вклученост на сите надлежни институции.
