Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања побара од премиерот Христијан Мицкоски одговорност за проблемите со квалитетот на водата за пиење во повеќе делови од државата.
Филипче оцени дека станува збор за сериозен проблем кој директно го засега здравјето на граѓаните, обвинувајќи дека Владата нема доволно транспарентност и одговори за состојбата.
„Водата е загадена во половина држава – во Гостивар, Валандово, Скопје и во повеќе општини, а немате одговор на многу прашања. Чија е одговорноста, кој вршел контроли и зошто резултатите не биле навремено објавени?“, праша Филипче.
Лидерот на СДСМ се осврна и на случајот со загадена вода во болницата во Лешок, посочувајќи дека станува збор за здравствена установа каде се лекуваат пациенти и побара целосно објавување на резултатите од анализите.
Тој побара одговор и зошто не се објавуваат резултатите од испитувањата на водата во Гостивар, како и зошто има различни информации од надлежните институции во однос на тоа дали водата ќе биде безбедна за пиење или ќе може да се користи само како техничка вода.
„Луѓето се збунети, не знаат што да прават и не знаат кому да веруваат“, изјави Филипче.
Филипче побара објаснување и за случајот со појавата на бела пена во реката Лепенец и сливот на Вардар, во близина на бунарите кои го дополнуваат изворот Рашче.
