Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека антифашистичките вредности се основата врз која е изградена македонската државност и дека денешните генерации имаат обврска да ја продолжат борбата за праведна, демократска и европска Македонија.
На маршот во Прилеп, организиран по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, под мотото „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам“, Филипче истакна дека СДСМ ги продолжува државотворните и антифашистичките традиции на борците од Народноослободителната борба.
Според него, современата борба не се води со оружје, туку со демократски средства, против криминалот, корупцијата и неправдата.
„Имаме историска обврска повторно да се избориме за слобода, правда и вистина. Нашата борба денес се води со збор, во институциите и со поддршката од граѓаните“, порача Филипче.
Тој оцени дека 11 Октомври не е само историски датум, туку симбол на жртвата и храброста на генерациите кои ја поставиле основата на современата македонска држава.
Филипче нагласи дека победата во Народноослободителната борба е клучен дел од македонската државност, а денешната генерација има задача да ја зачува државата, да ја развива економски и да обезбеди услови младите да останат да живеат и работат во Македонија.
Во завршницата од обраќањето, лидерот на СДСМ истакна дека борбата денес е насочена кон достоинствен живот, правда, економски развој и европска перспектива, додавајќи дека партијата ќе продолжи да ги брани вредностите врз кои е изградена државата.
