Европа влезе во новата етапа на индустриска политика – рударството повторно стана приоритет. Со усвојувањето на Законот за критични суровини и амбицијата да ја намали зависноста од увоз од трети земји, Унијата ја врти својата економска агенда кон сопствените рударски капацитети, рециклирањето и локалната преработка. Во оваа рамка рударската индустрија добива нова улога: не само како снабдувач на метали, туку и како клучен дел од енергетската транзиција, индустриската автономија и безбедноста на синџирите на снабдување.
Растот на интересот за рударството паралелно отвори и нов парадокс, додека Европа, па и светот бара повеќе критични минерали за енергетската транзиција, инвестициите и политичката поддршка се движат бавно и селективно. Затоа повторното градење на довербата кај инвеститорите и отклучување на потенцијалот за истражување ќе бидат и во фокусот на Metals & Mining Summit што „Фајненшл тајмс“ ќе го одржи во Лондон на 9 и 10 октомври. Настанот традиционално ја отвора Неделата на LMB (London Metal Exchange), што е најголемиот годишен собир на глобалната индустрија за метали организиран од Берзата и е препознаен како централниот светски форум за трговија, прогнози и договори во металната индустрија.
Темите што ќе доминираат на лондонскиот самит се како да се унапредат преработките на металите надвор од Кина, геополитичките влијанија, раст на инвестициите и одржливост, како и повторно градење на довербата кај инвеститорите. Овие теми се рефлексија на подлабоките структурни предизвици кои се пред секторот и во Европа.
Бакарот во центарот на вниманието
Бакарот е „критичниот метал“ без кој енергетската транзиција не може да напредува. Но токму кај него се бележат најголеми потреси. Аналитичарите на „Голдман Сакс“ веќе ги ревидираа прогнозите за 2025 и најавија дека годинава нема да има вишок, туку дефицит на пазарот. Паралелно, Меѓународната агенција за енергија (IEA) предупредува дека под сегашните политики до 2035 година ќе недостига околу 30% од глобалните потреби за бакар. Тоа ја прави оваа суровина стратегиски најважна за електричните мрежи, обновливите извори и производството на електрични возила. Односно без нови инвестиции, рударството нема да може да ги следи темпото и амбициите на зелената економија.
Геополитички фактори и „ресурсен национализам“
Освен пазарните флуктуации, рударството е под силно влијание на политиката. Западните економии бараат начини да ја намалат зависноста од Кина во преработката и топењето на метали, додека земјите производители сè почесто прибегнуваат кон квоти и забрани за извоз.
На пример, Демократска Република Конго, која обезбедува над две третини од светскиот кобалт, најави квоти за извоз што од 2026 година ќе бидат речиси преполовени во однос на 2024. Конго по седуммесечна забрана го рестартира извозот на кобалт, но со квоти кои ќе ја дестабилизираат понудата за автомобилската индустрија и производителите на батерии, кои веќе бараат алтернативи во хемијата на катоди и нови региони за снабдување.
