Превозниците од Македонија го кренаа гласот против како што велат дискриминирачките правила на ЕУ. Едногласни со нив се и превозниците од сите земји во Западен Балкан, бараат Брисел да не ги третира за туристи или мигранти па да ги протерува, туку да ги третира како меѓународни транспортери на роба.
Се огласија вчера и евробирократите. Европската комисија била свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортерите, внимателно ја следела ситуацијата и размислувала за решенија.
Камионџиите прашуваат – ќе има ли брзо решенија од евробирократите? Нужно е итно да реагираат оти наметнатиот проблем од ЕУ е голем и може да има значителни негативни ефекти врз нашата економија.
Друго прашање е и зошто Брисел дозволи до проблемот да дојде кога од наша страна одамна со аргументи им било укажано дека ќе направат проблем. Од стопанските комори упатиле и писмо до претседателката на Европската комисија фон дер Лајен за ова, ама реакција немало.
На потег се евробирократите. Не е доволно да кажуваат дека размислува за решенија. Решенија треба брзо да понудат, а не како што ни даваат датум за преговори. Со години ветуваат – сега ќе биде – и уште не бидна датумов.
