Еден член на екипажот го загуби животот, а тројца морнари се повредени во напад врз товарен брод во Одеската област, соопшти украинската Управа за морски пристаништа.
Бродот пловел под знамето на Либерија, а по нападот преостанатите 13 членови на екипажот биле безбедно евакуирани. Украинските власти засега не го соопштија идентитетот, ниту националноста на загинатиот и повредените.
Киев го осуди нападот, оценувајќи дека станува збор за нов удар врз цивилната пловидба и трговскиот сообраќај во Црното Море.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека погодило товарен брод, тврдејќи дека превезувал воени материјали. За ова тврдење засега нема независна потврда.
Нападот доаѓа во период на засилени воени дејствија во Црното Море, каде што во последните месеци се интензивираа нападите врз украинската пристанишна инфраструктура и комерцијалните пловила, додека Украина продолжува со операции против руски воени и енергетски цели.
Украинските власти предупредуваат дека ваквите инциденти дополнително ја загрозуваат безбедноста на поморскиот коридор преку кој се одвива извозот од украинските пристаништа. Во изминатиот период беа регистрирани повеќе напади врз цивилни бродови, при што имаше загинати и повредени членови на екипажите.
Прашањето за безбедноста на пловидбата во Црното Море останува предмет на меѓународна загриженост. Турција претходно ги повика Москва и Киев да преземат мерки за заштита на цивилниот поморски сообраќај, предупредувајќи дека нападите врз трговските бродови можат да имаат последици и врз глобалното снабдување со храна.
