Со документарниот филм „Прашај ја Е. Џин“ на режисерката Ајви Миропол, вечерва официјално започнува 28. издание на Фестивалот на документарни филмови во Солун. Филмот ја следи животната приказна на новинарката Џин Керол, која влезе во историјата како единствената жена што двапати го доби Доналд Трамп на суд, по тужбите за сексуален напад и клевета.
Годинешното издание на фестивалот се фокусира на темите поврзани со моќта, одговорноста и цената што ја плаќаат поединците кога ја зборуваат вистината. Главната тематска рамка на програмата е насловена „Сеќавањето на целиот свет“.
Во текот на фестивалските денови ќе бидат прикажани вкупно 252 долгометражни и краткометражни документарни филмови, меѓу кои и рекордни 80 светски премиери. Организаторите најавуваат посебен акцент на дебитантските остварувања и на експерименталните и иновативни проекти. Меѓу нив е и интерактивната инсталација „Срцебиење“ на француската уметница Фани Фортаж.
Годинава на фестивалот ќе присуствува и познатата француска актерка Жилиет Бинош, која се претставува како режисерка со документарниот филм „Во движење“. Остварувањето ја следи нејзината соработка со британскиот танчер и кореограф Акрам Кан. Бинош воедно е и претседателка на Европската филмска академија.
Фестивалот ќе трае до 15 март, кога ќе биде прикажан филмот „Господин Никој против Путин“ на Дејвид Боренштајн и Павел Таланкин, номиниран за Оскар за најдобар документарец. По традиција, во рамките на програмата ќе се одржи и оскаровска вечер со директен пренос и целоноќна забава.
За време на фестивалот ќе биде претставена и новата дигитална платформа „Филмографија“, база на податоци посветена на грчката кинематографија, која ќе стане достапна за јавноста кон крајот на април.
