Кризата со домувањето предизвика нов бран протести низ Шпанија, каде илјадници граѓани денеска излегоа на улиците барајќи мерки за намалување на трошоците за живеење и поголема заштита на станарите.
Најголем протест се одржа во Мадрид, каде според проценките учествувале околу 70.000 луѓе. Дел од демонстрантите носеле транспаренти со повици за национален штрајк, додека во Валенсија дошло и до судири за време на протестите.
Повеќе од 50 протести биле организирани во различни градови низ земјата, а акциите ги предводи Унијата на станари. Демонстрациите следуваат откако шпанскиот Конгрес на пратеници ги отфрли мерките предложени од владата за справување со растечките проблеми на пазарот за недвижности.
Одбивањето на владините предлози дополнително ја зголеми политичката неизвесност, а се појавија и шпекулации дека премиерот Педро Санчез би можел да распише предвремени парламентарни избори наместо да го чека редовниот термин во 2027 година.
Според пишувањата на „Ла Паис“, повикувајќи се на извори блиски до премиерот, Санчез ќе го следи расположението во јавноста по неуспехот на мерките и потоа ќе одлучува за можните следни чекори.
Во Мадрид, демонстрантите се собраа на Плаза де Сибелес и побараа намалување на кириите за половина, воведување постојани договори за закуп и одземање на станови од инвестициски фондови кои ги сметаат за одговорни за растот на цените.
Портпаролката на Синдикатот на станари, Валерија Раку, изјави дека протестите се поттикнати и од неодамнешниот случај со иселување на постара жена од нејзиниот дом во Мадрид.
„Конгресот е целосно оддалечен од реалноста на улиците и од општествениот консензус дека проблемот со рентиерството претставува сериозна рана во нашето општество“, порача Раку.
Демонстрантите бараат институциите итно да реагираат, бидејќи високите кирии и недостигот од достапни станови стануваат еден од најголемите социјални проблеми во Шпанија.
