Десетици пожари се регистрирани низ земјите од Балканскиот полуостров, а пожарникарските екипи на повеќе локации водат тешка битка со огнената стихија. Во Босна и Херцеговина пожар е активен на планината Требевиќ во близина на Сараево, каде што гаснењето го отежнуваат силниот ветер, сувата вегетација и непристапниот терен. Неколку пожари има и во областа Требиње, додека во селото Врановина кај Фоча огнот зафатил трева и ниска вегетација и уништил две куќи и неколку помошни објекти, но нема повредени.
Сериозна е состојбата и во Црна Гора, каде што пожари се активни на подрачјата на Подгорица, Херцег Нови, Даниловград, Колашин, Цетиње, Никшиќ и Плевља. Во гаснењето се вклучени и воздухоплови, а „Ер Трактор“ и „Антонов“ извршиле вкупно 20 летови и исфрлиле околу 100 тони вода.
Во Хрватска, пожар од Босна и Херцеговина се проширил на подрачјето на Конавле, но засега нема опасност за населените места. Во гаснењето од воздух се вклучени два хеликоптери и еден „Ер Трактор“, додека пожарникарските екипи се обидуваат да стигнат до огнената линија на тешко пристапниот терен. Пожар избувна и на островот Свети Климент кај Хвар, каде што беа ангажирани 30 пожарникари и четири хеликоптери, а огнот во меѓувреме е ставен под контрола. Во близина на островот Чиово се запалил и голем брод, но според првичните информации сите лица кои биле на него се безбедни.
Во Албанија во последните 24 часа биле регистрирани 21 пожар, од кои шест сè уште се активни, а седум се ставени под контрола.
