Американски борбен авион Ф-16 се урна во сојузната држава Мичиген за време на тренажна мисија, а пилотот успеал безбедно да се катапултира. Авионот ѝ припаѓал на Националната гарда на Тексас и се урнал околу 14 часот, неколку километри источно од државниот парк Интерлокен.
По несреќата, службите за итни случаи наредиле евакуација на сите лица во радиус од една милја, односно околу 1,6 километри од местото на падот. Сведоци изјавиле дека слушнале силен удар, додека снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат густ облак од темен чад.
Претставник на 149. борбена ескадрила потврдил дека пилотот безбедно се катапултирал и дека е пренесен во локална болница.
Американската војска засега не соопштува детали за евентуалните повреди на пилотот, ниту за причината за падот на авионот.
Сенаторот од Мичиген Гери Питерс соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и дека се обидува да добие дополнителни информации за несреќата.
